Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Унгарија, оствари средба со премиерот на Унгарија, г. Виктор Орбан.
На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за севкупната поддршка што Република Македонија ја добива од Унгарија во однос на нашето уставно име, за предизвиците од илегалната миграција, како и за унгарската иницијатива за осуда на Тиранската платформа на последниот состанок на Европскиот совет.
Воедно, македонскиот претседател го запозна својот соговорник со актуелните состојби во Република Македонија и за можните решенија за излез од кризата и ги повтори добро познатите ставови - или да се отстранат пречките за мандат или да се одржат нови избори.
За Унгарија неприфатливо е други држави да се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија. Нови предвремени избори се единствено исправно решение за излез од политичката криза во Република Македонија, порача унгарскиот премиер Орбан на средбата со претседателот Иванов во Будимпешта.
Премиерот Орбан нагласи дека Унгарија има цврст став против Тиранската платформа и додаде дека стабилноста на ЕУ е невозможна без стабилноста на Република Македонија.
- Македонија ја има и ќе продолжи да ја има поддршката од Унгарија, рече унгарскиот премиер, запознавајќи го претседателот Иванов за неговиот став на Европскиот совет и немањето консензус во однос на прашањето за предизвиците со кои се соочува нашата држава.
Премиерот Орбан нагласи дека ЕУ имаше погрешен пристап кон Република Македонија и додаде дека нашата држава одамна требаше да биде членка на ЕУ и НАТО.
На средбата беше договорено да продолжи соработката и комуникацијата на сите нивоа и по сите прашања од заемен интерес. Се разговараше и за мигрантската криза и беше договорено одличната соработка да продолжи и во наредниот период.