Работата на претседателот Доналд Трамп ја поддржуваат и ја одобруваат 37 отсто од Американците, покажува најновото истражување на агенцијата Галуп.
Дури 58 отсто од учесниците во анкетата изјавиле дека не се согласуваат со работењето и со постапките на новиот претседател.
Ова е најнискиот досега рејтинг на Трамп, отако пред два месеци тој и официјално ја презеде функцијата.
Досегашната поддршка за претседателот се движеше до најмногу 45 отсто, но таа и тогаш беше многу пониска од поддршката што на почетокот од својот четиригодишен мандат и по влегувањето во Белата куќа ја имаа тројцата негови претходници- Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама.
Истражувањето на Галуп е напрвено пред директорот на ФБИ, Џејмс Коми да сведочи во Конгресот и пред сенатската комисија, на кое тој изјави дека нема доказ оти Доналд Трамп бил прислушуван од администрацијата на Обама, пред да стане претседател.
Експертите на агенцијата веруваат дека по сознанието добиено од Коми, многу е веројатно дека рејтингот можеби би бил уште понизок.
Како објаснување за натамошното опаѓање на рејтингот на Трамп., уште пред да наполни 100 денови како претседател, Галуп го посочува „незадоволството на јавноста„ од контроверзното, непотврдено и неаргументирано прислушување, но и разочарувањето меѓу Американците со планот на републиканците да ја укинат социјалната програма „Обамакеар„ со свој проект кој не го поддржуваат и многу републикански политичари.