На координативната седница во Собранието, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и БЕСА го утврдиле бројот на членовите со кои ќе бидат застапени овие партии во Комисијата за прашања на изборите и именувањата но не биле утврдени имињата на членовите како и Претседателот на Комисијата.
Според официјални информации, ВМРО-ДПМНЕ ќе има 6 члена во комисијата, СДСМ 5 члена, додека ДУИ и БЕСА ќе бидат застапени со по 1 член.
Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.
Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината со оглед дека не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.