Државните интереси да се стават над личните и партиските со цел земјава побрзо да излезе од кризата и да се врати на европските интеграции, е порака од еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници до лидерот на Беса, Билал Касами
– Комесарот Хан не поддржува во нашите постапки кои водат кон формирање влада, која во моментов има поддршка од 67 пратеници, како и да се избере претседател на Собранието, како и уште еднаш од претседателот Иванов да се побара да го додели мандатот и да почнат преговорите за состав на новата влада за да може таа влада да ја реализира програмата за враќање на државата на евроинтеграциските процеси, рече Касами по средбата.
Тој посочи дека Беса и досега пред партиските интереси ги ставала државните и ја ставила во мирување нивната платформа.
– Платформата на движењето Беса е редефинирање на државата. Во моментов се наоѓаме во длабока политичка криза и ние сакаме да придонесеме да излеземе од неа и да дојдеме во помирни води, а потоа да почнеме една поширока дебата за платформата што им ја понудивме на граѓаните, рече Касами.
Прашан што ќе направи Беса знаејќи го ставот на претседателот Иванов дека нема доделување мандат се додека не се откаже тиранската пратформа, Касами рече дека нема таква платформа.
– Нема тиранска платформа, има само една декларација на политичките партии на Албанците за барањата кои се присутни веќе 20 години во демократскиот систем, кои треба да се реализираат согласно Уставот и законите во Македонија, потенцира Касами.
Тој оцени дека денешната посета на еврокомесарот Хан и европратениците и била неопходна на Македонија заради ситуацијата во која се наоѓа, бидејќи, вели, даваат поддршка за излез од кризата и ги охрабруваат политичките фактори во земјата да работат на ситуацијата во која што се наоѓаме, да гледаме повеќе на иднината на државата и на граѓаните отколку на партиските интереси.
– Во овој правец се и активностите на движењето Беса без да се гледа личниот интерес, односно партискиот интерес. Ние гледаме да придонесеме како да се излезе од оваа криза затоа што цениме дека во Македонија уште има сили кои сакаат оваа длабока институционална криза да ја втурнат во интеретничка криза, која е многу лоша за Македонија. Токму затоа и поддршката на претставниците на ЕУ е во правец политичките елити да рефлектираат и нивната поддршка ќе биде огромна за Македонија еднаш засекогаш се врати на евроинтеграцискиот процес и граѓаните на Македонија да бидат дел од Европската унија во една држава која ќе креира благосостојба за сите нас, посочи Касами.