Пораките на еврокомесарот и европските пратеници кои денеска беа во посета овде и разговорите кои се уште траат се јасни како бел ден. Се договоривме дека процесите мора да бидат забрзани. Секој ден изгубен за Македонија е изгубен и за македонските граѓани и за европските перспективи на Македонија. Секако, забрзаувањето на процесите не значи дека треба да престанеме да бидеме внимателни за сите провокации кои се случуваат од другата страна, но едно е јасно, мора да побрзаме.
Ние остануваме на нашето внимателно насочување на демократските процеси во државата, бирајќи Претседател на Собранието кој ќе испрати писмо до господинот Иванов и да ги отстрани тие десет дена. Веќе е презентирана програмата на идната Влада и очекуваме овој процес да заврши овде. Сето она што претставува отворање на нова можност за трошење на нови денови е ризично за Македонија.
Еврокомесарот и европратениците испратија многу позитивни пораки. Тие се подготвени, после успешни реформи и отпочнати процеси на реформи сериозно да пристапат кон Македонија, отворајќи ги Поглавјата 23 и 24, да ги забрзаат процесите, да ги охрабрат тие 75% граѓани кои до денеска веруваат во европската перспектива на Македонија и е само уште една причина повеќе за нас политичарите да носиме брзи одлуки и тие одлуки да бидат доволно храбри и во интерес на сите граѓани. Јас се надевам дека ќе има сенс од сите политичари, бидејќи и ние како политичари и политичките партии постојат единствено за иднината на Република Македонија.
Верувам во таквите процеси кои нашите европски пријатели ги охрабруваат и само на тој начин, со одговорност пред граѓаните и пред државата ќе се однесуваме во понатамошните процеси кои како што гледате, започнаа денеска и повторно се блокираа со изборот и составување на Комисијата, со бројот на членовите на таа Комисија. Веруваме дека никој нема да има намера да го блокира процесот на избор на Претседател на парламентот. Секако, тоа нема да го дозволиме.