Брзо формирање нова влада посветена на спроведување на реформите, почитување на изборните резултати, имплементација на договорот од Пржино и воздржување од разгорување меѓуетнички тензии, се главните пораки кои еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, им ги упатиле на политичките лидери на денешните средби во Скопје.

Во заедничкото соопштение на Хан и тројката европарламетарци објавено по разговорите со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети, на Беса Билал Касами и на Алијансата на Албанците Зијадин Села, се наведува дека „било повторено многу јасно оти сите политички лидери, вклучувајќи го и претседателот, мора да ги почитуваат резултатите од последните избори, и дека во една демократија, секој мора да го признае парламентарното мнозинство“.

– Затоа го охрабруваме претседателот итно да ја преиспита својата позиција. Нема време за губење. Сега очекуваме сите политички лидери и институциите да овзоможат демократскиот процес да се движи по својот курс – во интерес на граѓаните на земјата. Одложувањата во изминатите месеци веќе направија штета на економијата на земјата. Затоа повикуваме на брзо формирање нова влада посветена на спроведување на реформите. Од партиите и новата влада се очекува да продолжат да ги имплементираат сите делови од договорот од Пржино, се наведува во заедничкото соопштение.

Хан и тројката европратеници, како што е посочено, „ги повикуваат сите да се воздржат од какви било активности и изјави кои можат да разгорат меѓуетнички тензии или да ги поткопаат добрососедските односи“.

– Никој не треба да дојде во искушение да си игра со оган. Ние сме длабоко загрижени поради тензиите и говорот на омраза. Правото на собири и слободата на изразување се основни права во демократските општества, но тие носат и одговорности. Во таа насока, негативната реторика насочена кон меѓународната заедница и граѓанските организации е сосема контрапродуктивна. Тоа ја поткопува позицијата на земјата на меѓународен план, како и кредибилитетот на оние кои ја употребуваат, стои во соопштението.

Јоханес Хан, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, очекуваат „во наредните денови да видат сериозно и одговорно државништво од страна на релевантните институции за да се овозможи брзо формирање на нова и цврста коалиција“. Според нив, тоа е единствениот начин за враќање на земјата на патот кон ЕУ – што граѓаните го посакуваат и заслужуваат.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2017 14:56