Битолскиот театар третата премиерна претстава за оваа година ќе ја изведе задутре кога на матичната сцена ќе биде одиграна трагикомедијата „Пијани“ од Иван Вирипаев, во режија на Марјан Ѓорѓиевски.

Станува збор за претстава која комуницира со денешното време и менталитет, проект кој треба да има долг век, најави режисерот Ѓоргиевски на прес-конференцијата што се одржа во Битолскиот театар.

– Претставата има современ дух. Јазикот во претставата е едноставен. Публиката ќе биде дел од претставата. Нашата работа е уметност на мигот, уметност на тоа што се случува сега и се трудиме да нудиме актуелен производ. Во ова време невреме низ претставата зборуваме за изгубени морални и етички вредности на луѓето. Чувствувам како да живееме со маски и како да трчаме низ животот заборавајќи дека животот може да не земе под закрила. Верувам во успехот на претставата, рече о режисерот Ѓорѓиевски во пресрет на премиерната изведба на „Пијани“.

Во најновиот театарски проект на Битолскиот театар ќе настапат актерите Илина Чоревска, Валентина Грамосли, Соња Ошавкова, Маја Андоновска-Илијевски, Ангела Димитрова, Николче Пројчевски, Александар Димитровски, Живко Борисовски и Никола Стефанов. Музиката е на Александар Димовски, костимите на Благој Мицевски, а сценографијата ја подготви Валентин Светозарев.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2017 15:44