Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот денеска го усвои контроверзниот закон за воведување патарини за странските патнички возила на германските автопатишта, јави дописникот на МИА од Берлин.

Законот, што од други земји членки на ЕУ и Европската комисија беше оценет како дискриминирачки и за него беше поведена тужба пред Европскиот суд на правдата, ќе стапи во сила откако за него ќе се произнесе и Бундесратот. односно Горниот дом на Парламентот.

За разлика од германските државјани, кои ќе бидат ослободени од плаќање патарини преку компензација со годишните такси што ги даваат како надомест за регистрација на возила, сите останати странски патници ќе треба да плаќаат сума од најмногу 130 евра на годишно ниво ако сакаат да ги користат германските автопати.

Критиките од Брисел и другите земји на ЕУ, како Холандија и Полска, кои сметаат дека Германија ги дискриминира возачите на останатите членки на Унијата, беа делумно амортизирани откако во декември владата во Берлин најави дека цената на патарините ќе зависи од нивото на загадување на секое возило.

За да се задоволат барањата на соседите и ЕУ, Германија се согласи за странските возачи и сопственици на патнички возила да бидат воведени краткорочни патарини со траење од неколку дена. Цената на патарините во траење од 7 или 10 дена во најголемиот број членки на ЕУ е десетина евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2017 15:10