Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави денеска дека Турција, по уставниот референдум, би можела да организира уште еден референдум на кој би се одлучувало дали земјата треба да ги продолжи разговорите за членство во ЕУ.
– Ќе одржиме референдум на 16 април, а потоа би можеле да имаме референдум за преговорите за членство во ЕУ. Ние ќе се придржуваме кон она што ќе го одлучи народот, истакна Ердоган.
Ваков предлог доаѓа во момент на многу тензични односи меѓу Турција и некои членки на ЕУ.
– Турција чека пред вратите на ЕУ веќе 54 години. Што ќе се случи доколку Турците на референдумот на 16 април гласаат за уставни промени? Тогаш тие нема да не примат. Кога би донеле таква одлука, барем ќе ни ја олеснат работата. Ќе ги ставиме преговорите на маса, бидејќи Турција не е ничие жртвено јагне, порача турскиот претседател.