Во просториите на Македонската кошаркарска федерација вчера се одржа состанок помеѓу претседателот на стручниот совет Марјан Лазовски, претседателот на здружението на тренери, Драган Василов – Цевка, Јанко и Митко Луковски и тренерите номинирани за селектори на сите машки национални селекции.

Од страна на претседателот Петар Наумоски, беше потенцирана соработката помеѓу македонската кошаркарска федерација и Јанко Луковски, на општо задоволство, како стручен советник пред се во младинскиот погон на селекциите со цел што побрз напредок на младинските категории и добивање на што поквалитетни кандидати за сениорската репрезентација.

Се усогласи и начинот на функционирање помеѓу Јанко и Митко Луковски како и со Марјан Лазовски и со Драган Василов – Цевка кои се ставија на располагање на кој било тренер од кој било национален состав од сите категории во целост.

Во иднина, по секој одржан селективен тренинг и пред оформувањето на секоја селекција тренинзите ќе бидат следени со видео запис и веднаш потоа ќе бидат прегледани со цел да се елиминираат евентуалните недостатоци во текот на селективните тренинзи како веќе на следниот тренинг грешките да бидат елиминирани или сведени на минимум.

– Ние, како Македонска кошаркарска федерација би сакале да изразиме особена чест и задоволство од соработката со Јанко и Митко Луковски и веруваме дека на овој начин ќе успееме, што поскоро, да го зголемиме квалитетот на селекциите во младинските категории, истакнуваат од МКФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2017 09:25