Изминатите неколку години стрпливо и посветено го создававме својот репертоар, којшто со гордост можам да кажам дека е испрофилиран како што доликува на голема национална театарска куќа, што значи дека МНТ има своја препознатлива и дефинирана сценска естетика, изјави во интервју за МИА Дејан Пројковски, директор на Македонскиот народен театар кој на 3 април ќе одбележи 72 години постоење.
– Она што е секојдневен двигател во нашата работа го содржи слоганот за нашиот 72-ри роденден: „Создаваме на светов убавина“, истакнува Пројковски во интервјуто што МИА ќе го објави денеска.
Во однос на меѓународната активност на МНТ, гостувањата и копродуцирањето со странски партнери, Пројковски вели дека е тоа потврда за сработеното и квалитетот. Најави дека на 19 април ќе гостуваат на фестивалот МИТЕМ во Будимпешта со „Животот е прекрасен“.
– Оваа година играме на МЕЕС во официјалната програма, следуваат гостувања во Грац, Виена, Загреб, Белград, Подгорица, Хамбург, Берлин, Торонто…преговараме со неколку реномирани фестивали за нови гостувања и копродукции. Во моментот договараме нова копродукциска претстава со една реномирана национална театарска куќа. Во овој проект ќе учествуваат актери од двата театра. Во завршна фаза на преговори сме за создавање претстава која сигурно следната сезона ќе биде еден од најважните театарски настани во Европа, рече Пројковски.
За годинашниот МНТ ФЕСТ пак, директорот на МНТ истакна дека публиката ќе има ексклузивна можност да види претстава од Кина која минатата година била дел од официјалната програма во Единбург.
– Ќе имаме гостувања на уште неколку претстави на национални театари и претставување на еден од најдобрите руски театри со три свои претстави – едната од нив е добитник на Златна маска. МНТ ФЕСТ и оваа година ќе понуди репрезентативна програма на националните театри, рече, меѓу другото, Пројковски во интервјуто за МИА.
По повод 72-риот роденден, Македонскиот народен театар утре ќе има роденденски маратон, на кој ќе бидат изведени претставите „Силјан Штркот шанца“ од 13 часот, „Животот е прекрасен“ од 15 часот и 150-тата изведба на „Сомнително лице“ од 21 часот.