Новиот објект на Македонската филхармонија со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди ќе биде отворен на 21 мај. Овој свечен чин ќе биде одбележан со ексклузивен концерт на Македонската филхармонија, со која како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески под диригентско водство на еден од најпрестижните и најбараните диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази.

Ова денеска на прес-конференција пред објектот го истакна министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, која рече дека во рамки на програмата ќе биде изведено дело на еден од основоположниците на македонската музичка култура, еден од основачите на Македонската филхармонија, Трајко Прокопиев, како и дела на руските композитори Сергеј Прокофјев и Петар Илич Чајковски. Нема никакво сомневање, посочи министерката, дека не очекува концерт за паметење, кој ќе остане запишан во историјата на македонската култура.

- Во месец мај, по цели 73 години од своето постоење, Македонската филхармонија, најстарата институција од областа на музичко-сценската дејност во Република Македонија, конечно ќе добие свој дом. Македонската филхармонија ќе добие нова концертна сала на чиј што подиум ќе се испишува македонската музичка историја, ќе се презентираат креативните и творечките потенцијали на нашите уметници, музичари, композитори, диригенти, на странските ансамбли и гости, потенцира Канческа - Милевска.

Според неа, станува збор за проект кој ќе има навистина големи придобивки за нашите уметници и за развојот на македонската култура.

Новиот објект на Македонската филхармонија, кој е изграден по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и е разработен како основен и изведбен проект од проектантската куќа Македонија проект, нагласи министерката, се протега на површина од 12.400 метри квадратни и се одликува со модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди.

Посочи дека новиот објект располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.

- Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип. Материјалите кои се употребени во големата сала и архитектонската пластика овозможуваат врвна акустика во која верувам дека ќе уживаат сите посетители. Во составот на големата сала е содржано и студио со режија, опремено со комплетна, современа аудио и видео техника која ќе се користи за продукција и снимање на музичките настани. Во објектот се обезбедени сите предуслови за подготовка на програмата на институцијата, изградени се посебни простории за вежбање на солистите и индивидуалните групи, како и придружни и административни простории, сите функционално поврзани на три нивоа, рече Канческа - Милевска.

Објектот поседува и кафетерија, музичка продавница и паркиралиште за вработените.

Таа ја нагласи и атрактивната влезна партија во објектот и челичната покривна конструкција, која, како што рече, е многу специфична и е составена од два дела кои се обединети преку дополнителна просторна решетка со закривена форма и променлива ширина. Ваква покривна конструкција, појасни, досега не е изведена во Република Македонија. Според неа, објектот плени и екстериерно и ентериерно и во целиот процес на градбата се испочитувани сите програмски цели и барања на вработените во Филхармонијата.

- Набавена е и комплетно нова опрема за музичарите, столчиња во зависност од типот на инструментот, стативи и држачи за инструментите, посебни шкафови за одлагање и чување на инструментите, држачи за партитурите и светлосни тела за истите. Во тек е и набавка на нов инструментариум (оргуља, концертно пијано, харфа, контрабаси, удирачки инструменти и друго) со што ќе се овозможи поквалитетна изведба на музичките дела од македонската и светската литература, истакна Канческа - Милевска.

Оркестарот на Македонската филхармонија во изминатиот период, рече министерката, беше подмладен со нов уметнички кадар, беа реализирани голем број на вработувања (51 вработување на уметнички и административен кадар во периодот од 2007-2015 ), а исто така беше направен и сериозен исчекор во валоризацијата на уметничкиот труд, со зголемувањето на месечните примања на музичарите.

- Министерството за култура во своите програми редовно обезбедуваше и обезбедува средства за програмските содржини на институцијата, а не изостанува и поддршката за меѓународните претставувања. Верувам дека концертната сала за Македонската филхармонија, која со децении беше сон на многу генерации македонски уметници, ќе биде уште еден поттик повеќе, тие да ја продолжат својата мисија, да ја промовираат македонската култура и уметност и да освојат уште многу нови музички предизвици, посочи Канческа – Милевска.

Додаде дека во пресрет на отворањето на новата сала за Македонската филхармонија љубителите на класичната музика ќе може да проследат уште еден еклузивен настан на нашиот национален оркестар со големата музичка ѕвезда, Ванеса Меј, кој ќе се реализира на 15 мај во арената „Борис Трајковски“.

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чаначевиќ рече дека новиот објект претставува остварување на сонот на оние кои ја формирале Македонската филхармонија, на многумина музичари, голем број генерации кои поминале во оркестарот и остварување на нивниот сон, на оние кои денеска се дел од неа.

- Се работи на едно прекрасно здание кое е направено според сите светски стандарди. Новите инструменти ќе придонесат да се промени квалитетот на звукот на оркестарот, а акустичноста на просторот ќе даде една поинаква боја на оркестарот, истакна Чаначевиќ.

Посочи дека објектот ќе биде наменет за сите музички уметници во Македонија, за гостување на странски ансамбли и за сите граѓани кои ќе бидат присутни на концертите.

- Сите филхармонии особено во регионот немаат своја концертна сала. Македонската филхармонија веројатно е првата институција во регионот која ќе има сопствен објект, сопствена концертна сала, што е многу значајно нешто. Ова е историски настан и воопшто за македонската музичка култура во нашата држава. Картите за овој настан ќе бидат пуштени во продажба после 20 април, додаде Чаначевиќ.

Концерт мајсторот Владимир Костов, кој се обрати од име на музичарите, рече дека е горд што ќе бидат можеби дел од историјата кога првпат во Македонија се создава вакво нешто.

- Во текот на нашето уметничко делување, сме настапувале и во странство и секогаш сме замислувале како би било и ние да свириме во концертна сала каква што доликува на еден филхармониски оркестар. Како би звучеле сите програми кои што ги свириме во една убава концертна сала. Сега сонот стана реалност. Имав можност да влезам во новиот објекти сега знам дека станува збор за нешто совршено, затоа што секој детал при изградбата беше под надзор. Сега ќе имаме одлична акустика, гардероби, простории за да вежбаме, нормални хигиенски услови, паркинг... Моите колеги со нетрпение очекуваат да го отсвират првиот тон, додаде Костов.

Одговарајќи на новинарско прашање министерката Канческа - Милевска рече дека буџетот за изградбата на новиот објект на Македонската филхармонија е над 37 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2017 20:38