Демонстранти го запалија Конгресот на Парагвај, откако Сенатот во тајност изгласа измена на Уставот со која на претседателот Хорацио Картес му се дозволува повторно да се кандидира за функцијата.
Неколку политичари и новинари се повредени, соопштија медиумите, а министерот за внатрешни работи, Тадео Рохас, изјави дека има и неколку повредени полицајци.
Член на Долниот дом на Конгресот, кој учествувал на протестите, бил подложен на хируршки зафат заради повредите кои му биле нанесени со гумени куршуми.
Парагвајскиот Устав од 1992 година забранува повторно кандидирање, откако во 1989 година беше соборен бруталниот диктаторски режим.
-Извршен е државен удар. Ќе дадеме отпор и го повикуваме народот тоа да го стори со нас, изјави сенаторот Десире Маси од опозициската Прогресивна демократска партија, јавија британските медиуми.
Пожарникарите успеале да ја совладаат огнената стихија, но протестите продолжиле и во други делови на главниот град на Парагвај, Асунсион, како и ширум земјата, јавуваат локалните медиуми.
Во телевизиски пренос е прикажано како демонстрантите ги кршат прозорците од Конгресот и влегуваат во отворен судир со полицијата, притоа палејќи гуми и отстранувајќи делови од оградата околу зградата.
Полицијата користела солзавец и гумени куршуми.