Медиуми: Денеска ВМРО-ДПМНЕ излезе со манифест за единствена Македонија. Ваш коментар околу тој документ и дали Манифестот нуди решенија за излез од кризата, затоа што тие велат дека со прифаќање на Манифестот ќе се излезе од кризата, а меѓудругото бараат и нови избори?
Шилегов: Основните принципи на кои што се засноваат асоцијациите кон кои Македонија како држава претендира, тоа се ЕУ и НАТО се: демократско општество, демократски држави, неселективно владеење на правото и мирно прмопредавање на власта. Доколку се искрени, тоа треба да го спроведат. Ние сме во процес, и сами сте сведоци дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов во Собранието на Република Македонија и преку претседателот Ѓорге Иванов, ги блокира демократските процеси во Македонија. Ако се нивните заложби искрени, во тој случај ќе треба да следи процесот на мирно предавање на власта, со цел да се спроведат токму и реформите за кои зборувавме на денешната прес-конференција, бидејќи нема да можеме да имаме просперитет ако продолжи да владее селективната примена на правото, беззаконието, заштита на криминалот и корупцијата на носителите на високи државни функции. Правда мора да има, законите мора да важат за сите подеднкаво. Не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ едно да зборува а друго да прави. Најфлагрантен пример за тоа ви е нивното денешно барање за спроведување на попис. После 11 години владеење, после потрошени над 14 милиони евра, наши, граѓански пари и неуспешно спроведување на попис, сега да го издигнуваат пописот на пиедесталот како еден од приоритетите на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во моментов нема што да бара. Единствено може да исполни мирно примопредавање на власта и откочување на демократските процеси, за доброто на граѓаните, на Македонија и на нив поединечно.
Медиуми: Имате ли план за деблокада на целата ситуација во Собранието?
Шилегов: Господинот Вељановски е нелегитимен претседавач на конститутивната седница. Согласно Деловникот тоа треба да го прави најстариот пратеник во составот на Собранието. Немаме против од дебата во Собранието, во смисол дека секој од пратениците да има право да дебатира. Се прави груба злоупотреба на Деловникот на Собранието со тоа што пратеници од иста пратеничка листа, што утре претпоставува и пратеничка група, да реплицираат и контрареплицираат самите на себе. Го губат сопственото време и многу поважно, го губат времето на граѓаните. Секој одминат ден е ден помалку за неопходните реформи, со цел Македонија да го фати приклучокот кон европските институции, кон тие интеграции, да го подобриме квалитетот на живеење на нашите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ кажа што имаше да каже во текот на овие 11 изминати години владеење. Република Македонија е во ваква состојба, токму поради таквото нивно владеење. Треба да знаат кога е доста, треба да ги откочиме демократските процеси за Македонија да се придвижи напред.
Медиуми: Утре во Македонија доаѓа Доналд Туск. Има ли во СДСМ оптимизам дека ќе успее да го разубеди Иванов и да го даде мандатот?
Шилегов: Интерес и на Ѓорге Иванов е да се разубеди самиот себеси. Тој е еден од кочничарите на демократските процеси во Македонија, затоа што со соптвената одлука за недавање на мандат на СДСМ и претседателот Зоран Заев, всушност го урниса уставното уредување на Република Македонија. Република Македониа е парламентарна демократија во која што владее мнозинството во Собранието. Пратениците се избираат на избори, тогаш граѓаните го имаат целокупниот суверенитет и го делегираат, односно го пренесуваат во Собранието. Тој што ќе собере повеќе пратеници како коалициско владеење, тој е носител на власта. Ѓорге Иванов не може со правно насилие да го урнисува правниот поредок и уставното уредување на Република Македонија и да ги стопира демократските процеси. Треба да се врати на она што е негова задача како претседател на државата, а тоа е да има трансфер на мандатот кон парламентарното мнозинство.