Напад со хемиско оружје е причината за над 60 загинати во сириската северозападна провинција Идлиб. Регионот е под контрола на опозициските бунтовници, кои велат дека бомбардирањето го извршиле авиони на сириската влада или руското воздухопловство. Нивното тврдење го поддржа и Сириската опсерваторија за човекови права, но властите во Дамаск демантираа дека користеле хемиско оружје, а официјална Москва тврди дека воопшто не извршила напади во близина на ова место.

Сомнителните проектили го погодиле градот Хан Шејхун. Жртвите кои биле третирани во болниците, губеле свест, имале мачнина, повраќале, а кај загинатите била забележана бела пена околу устата. Про-опозициските локални медиуми соопштија дека најверојатно бил употребен нервниот отров Сарин, кој е исклучително опасен и 20 пати посмртоносен од цијанид. Супстанцата нема боја, мирис ни вкус, а може да биде фатална и во многу мали количини. Оние кои ќе ја вдишат умираат по само неколку минути како резултат на задушување предизвикано од парализа на мускулите во белите дробови или срцето. Саринот беше забранет од Обединетите нации и прогласен за хемиско оружје во деведесеттите години.

Западните земји ја обвинија сириската влада дека го користела овој отров и во 2013-тата година, во нападите против бунтовниците во предградијата на Дамаск, претседателот Башар ал-Асад и тогаш ги демантираше овие тврдења. Сепак во наредните години, истрагата спроведена од Обединетите нации утврди дека владините сили во неколку наврати користеле хлор, односно друг вид на хемиско оружје. Активистите за човекови права и опозицијата, често пати ја обвинуваат сириската армија дека користи забранети средства и супстанци и тоа во места населени со цивили.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2017 09:47