Како да генерираат повеќе идеи, што е креативност и иновативност, како се креира мрежа за креативно претприемништво и кои се техниките за изработка на лого, учеа денеска во Струмица дваесетина учесници во рамки на проектот „Мрежа за креативно претприемништво“.
Целта на проектот е да ја интензивира прекуграничната соработка меѓу луѓето и институциите од регионот, тие заеднички да одговорат на предизвиците и да го искористат потенцијалот преку создавање креативност, особено кај младите луѓе.
– Идните активности на проектот ќе вклучат реализација на креативни работилници (атељеа) на повеќе теми: Креирање кратки филмови и промотивни клипови, изработување маски и костуми, усовршување вештини за занаети и рачна изработка. Формиравме групи учесници за реализирање на креативните атељеа. Ги поикуваме сите заинтересирани млади луѓе да се пријават за учества, рече Васка Ташева од Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија.
Во рамки на проектот ќе се одржи и обука за креативно претприемништво, како и обука за можност за финансирање креативен бизнис.
Проектот „Мрежа за креативно претприемништво“ го имплементира Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија од Струмица со Бизнис инкубаторот од Гоце Делчев од Бугарија во рамки на ИПА Програмата за прекугранична соработка. Ќе трае 15 месеци, а е кофинансиран од ЕУ со вкупно 119.680 евра.