По големиот успех на едицијата „Бајки од Македонија“ која веќе го има своето второ издание, сите љубители на пишаниот збор ќе можат да уживаат и во новото ексклузивно издание. Оттсега, четирите бајки – „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и дванаесетте месеци“ се во сет од тврд повез со нова, атрактивна насловна илустрација, специјално изработена за ова издание.

Новото издание на едицијата „Бајки од Македонија“ беше промовирано во рамки на 29. издание на Меѓународниот саем на книгата во Скопје. Во рамки на саемот „Бајки од Македонија“ доби награда за најдобро печатено издание, како и награда за најдобра книга за деца од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

Едицијата „Бајки од Македонија“ е испечатена и со браево писмо и е една од дваесетте изданија на издавачката куќа „Арс Ламина“ испечатени со ова писмо. За овие изданија издавачката куќа „Арс Ламина“ ја доби наградата за издавачка куќа со најголема општествена одговорност од Македонската асоцијација на издавачи.

– Ние сме исклучително задоволни што младата публика е заинтересирана за новите изданија и одлучно ги прифаќа. Едицијата „Бајки од Македонија“ тоа јасно го покажува. Оваа едиција е одраз на вкусот и потребите на младата читателска публика и полека јунаците од бајките стануваат препознатливи и омилени кај децата. Остануваме посветени на литературата за деца и ќе продолжиме на пазарот да нудиме нови, квалитетни изданија, истакна раководителот за издаваштво во „Арс Ламина“ Бранка Бугариска.

Илустрациите на приказните во едицијата „Бајки од Македонија“ ги изработи младата дизајнерка Катерина Николовска, избрана на јавен конкурс, која е авторка и на новата насловна илустрација на ексклузивното издание. Едицијата „Бајки од Македонија“ е проект реализиран од Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“. Еден од главните приоритети на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ е да создава нови модерни производи инспирирани од македонската традиција, а во нивната креативна изработка да им даде шанса на млади талентирани луѓе од Македонија, како што беше случај и со оваа едиција. – Навистина е убаво да се види дека нашата замисла да се создаде едно вакво модерно издание на традиционални бајки е одлично прифатена од најмладата публика и станува омилено четиво. Тоа е само потврда дека сме направиле добар избор и дополнителен мотив овој проект да се развива и да расте во иднина, нудејќи многу нови содржини, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине“. Едицијата „Бајки од Македонија“ претставува модернизирана и адаптирана форма на приказни од македонското народно творештво собрани и забележани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски. Во изборот на бајките учествуваше и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Едицијата „Бајки од Македонија“ беше претставена на Саемот во Франкфурт, со превод на англиски јазик, со што станува достапна за широката читателска публика на светскиот пазар.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/04/2017 15:33