Дваесетина членови на Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен“ од Крива Паланка денеска организираа акција за искачување до кулата во село Опила, општина Ранковце и посета на водопадот Џемендере.

Акцијата за искачување до кулата од изградена пред повеќе од еден век, во 1909 година, за време на владеењето на Османлиите, е десетта акција на здружението годинава.

– Направивме пресек на искачувањата на планинските врвови со денешното искачување до кулата која се наоѓа на 900 метри надморска височина. Село Опила има живописен крајолик предел , сместено е во Славишкото поле и вистинско уживање беше денешното дружење во природа на убавиот сончев ден. Покрај кулата, денес го посетивме и водопадот „Џемендере“ на Опилска Река, висок околу дванаесет метри, што ја надоплни убавата планинарска дружба-изјави Соцко Тасевски од ЗПЗП „Калин Камен“.

Пред две седмици петмина членови на „Калин Камен“ го искачиле Пелистер во екстремни услови, а следна планинарска акција е искачувањето на Солунска глава, закажано за почетокот на мај.

ЗПЗП „Калин Камен“ е членка на Федерација на планинарски спортови на македонија. Здружениетоброи триесет активни членови, а согласно Годишниот план за 2017 година ќе организираат вкупно 40 акции.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2017 16:01