Од денеска во Франција е во тек официјалната кампања за претседателските избори, која е предмет на строга контрола и на нови правила, јавува дописникот на МИА од Париз.
Со почетокот на официјалната кампања, сите единаесет претседателски кандидати имаат ист третман според принципот на „еднаквост“, кој го наследи досегашниот принцип на „праведност“.
Почнувајќи од денеска, Високиот аудиовизуелен совет врши контрола за дифузијата на еднаквоста за коментарите, изјавите и писмените изјави на кандидати на радио и телевизијата. Ова значи дека времето за изјавите треба да бидат строго идентични за сите.
Политички видео рекламни спотови на секој од единаесет кандидати, исто така, ќе се емитува од страна на јавните радиодифузери во текот на овој период. Секој има право на 43 минути помеѓу 10 и 21 април, односно десет спотови од една минута и триесет секунди и осум спотови од три минути и триесет секунди. Како и за сите претседателски избори, започнувајќи од 1988 година, Високиот аудиовизуелен совет забранува употреба на француски знамиња и на националната химна во овие видеозаписи од кампањата. Целта е да се „заштитат националните симболи, така што тие да не се искористуваат за партиски цели”, се објаснува од Советот.
Изборните митинзи се слободни и изборните плакати можат да бидат прикажани на паноа поставени од страна на општините. Поточно, секој кандидат има право на два постери: еден со неговите изјави за предизборната програма, кои мора да бидат исти на целата територија, а другиот со датумот на митинзите. Пред секој круг, кандидатот може да им го испрати на гласачите текстот со неговите изјави. Звучни и електронски верзии на текстовите ќе бидат објавени на веб-страницата од Националната комисија за контрола на кампањата.
Со новите правила, исто така, има и нови забрани. Секоја платена реклама во печатените и аудиовизуелните медиуми за изборни цели и било кој приказ на место надвор од посебно дозволените места или на оние на другите кандидати се забранети.
Исто така, изборните плакати на бела хартија (која е резервирана само за административна употреба) или вклучувајќи ги и трите бои, сина, бела, црвена, освен за репродукција на амблемот на политичка партија или група, се исто така забранети . Во петокот, пред изборите точно на полноќ, ќе биде забрането „да се објавуваат нов елементи на изборната полемика” без другите кандидати да имаат можност ефективно да одговорат пред крајот на кампањата.
На денот на изборите, секој изборен резултат, делумен или конечен, не може да се објави пред затворањето на последните избирачки места на територијата (или во 20 часот). Оваа забрана и сега се казнува со парична казна од 75.000 евра, а со Законот од 25 април 2016 се зајакнати контролните постапки.
Ниту една изборна анкета не може да биде, на кој било начин објавена, дистрибуирана или коментирана од петок, 21 април на полноќ. Во спротивно тоа се казнува со парична казна од 75.000 евра. Оваа забрана завршува со затворањето на последното избирачко место во Франција.
Истите забрани и ограничувања се применуваат и на интернет за која било изборна порака на интернет.
Во првиот круг на претседателските избори, Французите ќе имаат избор од вкупно единаесет кандидати, еден повеќе во споредба со 2012 година, при што две се жени и девет мажи: Филип Путу (Новата антикапиталистичка партија) , Жак Шеминад (Солидарност и напредок), Жан Ласал (Да пружиме отпор), Натали Арто (Работничка борба), Франсоа Аселино ( Републикаснки народен сојуз), Никола Дипон Ењан (Франција Стоечки), Франсоа Фијон (Републиканци), Беноа Амон (социјалисти), Марин Ле Пен (Националниот Фронт), Емануел Макрон (Во движење), Жан-Лук Меланшон (Непокорна Франција),
Првиот круг од претседателските избори е на 23 април, а двајцата најдобро пласирани кандидати ќе ги одмерат силите на 7 мај.
Најмногу шанси да се најдат во вториот круг, според испитувањата на јавното мислење се Марин Ле Пен, Емануел Макрон, Франсоа Фијон и Жан Лук-Меланшон.