Во Никозија денеска ќе бидат обновени преговорите меѓу претседателот на Република Кипар Никос Апнастасиадис и лидерот на кипарските Турци Мустафа Акинџи, на кои се бара формула за повторно обединување на медитеранскиот остров, пренесува БТА.
Преговорите се обновуваат, откако минатата недела кипарските пратеници го сменија контроверзниот закон кој ги налути кипарските Турци и доведе до блокирање на процесот за повторно обединување на етнички поделениот остров.
Преговорите за Кипар беа прекинати во февруари годинава, откако Акинџи го напушти преговарачкиот процес во знак на протест поради одлуката на Парламентот во Никозија за задолжително одбележување на годишнината од референдумот од 1950 година, на кој кипарските Грци се изјаснија за обединување на тогашната британска колонија Кипар со Грција.
Измените во законот сега му даваат на министерот за образование целосна слобода да одлучува за слични настани.
Овој потег овозможува продолжување на мировните преговори по речиси двомесечна пауза.
Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци Мустафа Акинџи ги почнаа преговорите во мај 2015 година преговори, кои создадоа реални надежи за повторно обединување на Кипар.