Театарот за деца и младинци (ТДМ) утревечер премиерно ќе ја изведе бајката од Шарл Перо „Мачорот во чизми“ во режија на Игор Ивковиќ и драматизација на Горјан Милошевски. Ќе играат осум актери од театарот, а ангажиран е и познат магионичар.
Режисерот Ивковиќ на прес-конференција рече дека се стремеле да направат херојска, урбана и динамична комедија во која има магија, илузија, бои и музика и дека покрај децата во неа ќе уживаат и родителите.
- Создадовме приказна која е базирана на оригиналната на Шарл Перо и потекна од идејата што се случува ако го анализираме насловот - Мачорот во чизми. Дојдов до констатација дека ако се чизмите предмети, кога ќе ги обуе мачката - треба да се случи чудо. Какво е тоа чудо што му се случува, сугурно е нешто необично што му дава посебна моќ. Во претставата доминира магијата и илузијата, илуминацијата со светлина и бои, многу интерактивна и динамична приказна во која, верувам, ќе ужива секое дете, рече Ивковиќ.
Милошевски рече дека мачорот кој од старата бајка е пргав, но и лажго и манипулатор, сега е пргав но е духовит. - Мислев дека треба да биде покреативно - мачорот не мора да лаже, не мора да биде манипулатор, тој може да биде духовит, а да го има пргавиот дух, и таков мачор испишав - кој ги обединува сите. Тој не е сам суперхерој и за да се бори му треба екипата што ја има. Ми се допаѓа што во целата приказна работат како колектив - Мачорот заедно со Каспер и чизмите. Идејата е да се пренесе тој заеднички дух што се бори против злото. Приказната е едноставна и има богатство од ликови, истакна Милошевски.
Улога на Мачорот Макс ќе ја игра Мартин Јорданоски кој рече дека режисерот се впуштил во голема задача - да спои во едно магионичарски трикови со театарска претстава што, смета тој, е комплицирано да се направи. Во актерската екипа се и: Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова, Мики Анчевски, Ана Левајковиќ-Бошков, Ненад Митевски, Винета Дамческа-Мојаноска и Владимир Лазовски.
За магијата во претставата е ангажиран илузионистот Гого Реквием (Георги Гавровски) кој рече дека за публиката да поверува во магијата, треба и самиот магионичар да верува во она што го работи. Ги пофали актерите зашто покрај актерскиот талент тие, како што рече, се и родени магионичари.
- Но ова не е магионичарско шоу, ова е бајка со магионичарски ефекти. Јас не ги кажувам трикови, затоа што јас верувам во магија. Одушевен сум од екипата и кога ги видов крајните продукти на претставата, јас се смеев како дете. Тоа значи дека им поверував. Ова ќе биде хит во Македонија, а претставата ќе има голем успех и надвор од државата, рече илузионистот.
Музиката за претставата е на Виктор Апостоловски, кој беше задолжен и за претходната премиера на ТДМ „Гига мега бајка“, кореограф е Валентино Апостоловски, сценографијата и костимите ги изработи Маре Трајковска-Стефаноска.
Директорот на ТДМ Братислав Димитров рече дека целта им е секоја нивна претстава да се разликува од претставите на други театри кои прават претстави за деца за, како што рече, да ја издржат конкуренцијата.
- Секоја од нашите пиеси да има некое чудо, од кој било аспект, и мислам дека оваа премиера е резултат на таа наша заложба, рече Димитров.