Гувернерот на американската сојузна држава Алабама, Роберт Бентли, поднесе оставка поради љубовна врска со една од неговите советнички.

Бентли, кој е републиканец и двапати по ред гувернер на оваа сојузна држава на југот од САД, се повлече од функцијата под силен притисок на јавноста и на медиумите, откако беше отворен процесот за покренување импичмент.

Скандалот што трае безмалку две години, избувна откако во јавноста се појавија „љубовните“ разговори и пораки по мобилен телефон, што си ги разменувале Бентли и советничката.

Етичката комисија на Алабама отвори истрага за „несоодветното“ однесување на гувернерот и при тоа заклучи дека биле повредени неколку норми за однесување, но комисијата посочила дека во случајот на Бентли има и злоупотреба на државните фондови.

Бентли има 74 години и е поранешен декан на Баптистичката црква во Монтгомери, но важи и за угледен лекар- дерматолог.

Досегашниот гувернер не ја отфрла врската со советничката, но се брани дека таа „никогаш не прераснала во физичка“.

Советничката Ребека Калдвел Мејсон е поранешен телевизиски новинар, омажена и мајка на три деца.

Гувернерот во 2015 година се развел од својата сопруга по 50 години брак, а советничката, која пред една година ја напушти функцијата во канцеларијата на гувернерот, исто така се разведува од сопругот, инаку поранешен функционер во кабинетот на Бентли. / МИА.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2017 16:42