Инспектори за храна откриле неправилности во ресторан на Трамп
Инспектори открија 13 нарушувања на нормите за безбедност на храната во ресторан на луксузниот приватен клуб во туристичкиот комплекс Мар-а-Лаго на Флорида, во сопственост на американскиот претседател Доналд Трамп.
Весникот „Мајами хералд“ комплексот Мар-а-Лаго го нарекува „јужната Бела куќа“. Трамп го купил во 1985 година и често пати таму ги поминува викендите. Тој и овој викенд ќе го мине во Мар-а-Лаго.
Меѓу најсериозните нарушувања, утврдени при инспекцијата на 26 јануари е чување на сурова риба и месо на повисоки температури од предвидените, рѓосани полици и работење на вработените во кујната без готварски шапки.
Две недели по инспекцијата претседателот го прими во истиот клуб јапонскиот премиер Шинѕо Абе, а минатата недела гостин му беше кинескиот претседател Си Џингпин. Првичниот износ за членство во клубот е 200 илјади долари.
– Овие нарушувања биле откриени при рутинска инспекција, а не по претходно поднесена тужба. Тие беа отстранети и објектот веднаш ги исполни барањата на инспекторите, изјави претставник на властите на сојузната држава Флорида.