Во секој момент во Северна Кореја може да почне конфликт, предупреди денеска кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји по новите закани на американскиот претседател Доналд Трамп против режимот во Пјонгјанг.
– Дијалогот е единствен начин да се спречи ескалација на тензиите, нагласи тој на прес конференција со францускиот министер за надворешни работи Жан Марк-Еро кој е во посета на Кина.
– Ако некој провоцира конфликт на Корејскиот Полуостров треба да е подготвен да преземе историска одговорност и да ја плати цената, предупреди Ванг Ји.
Тој повика на воздржаност од акции што може да се сметаат за закани.
Западни аналитичари сметаат дека Северна Кореја може утре да изврши нова нуклеарна проба или испукување балистичка ракета по повод 105-годишнината од раѓањето на основачот Ким Ил-сунг.
САД размислуваат за воени варијанти како одоговор на програмата на Пјонгјанг за нуклеарно вооружување, предупреди синоќа советник за надворешна политика во Белата куќа.
Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме изјави дека Северна Кореја претставува проблем, кој ќе биде решен.
Одговарајќи на прашање за тоа која е неговата порака до Северна Кореја, Трамп истакна дека таа земја е проблем, за кој ќе се погрижи.
Трамп додаде дека верува оти кинескиот претседател Си Џинпинг ќе работи мошне напорно за да помогне во решавање на тој предизвик.
Американскиот претседател изјави дека имал детални разговори со Си минатиот викенд.
– Навистина ми се допадна претседателот Си и го почитувам. Тој е мошне исклучителна личност, рече Трамп.