Антонио Конте, менаџерот на Челзи, ја презеде одговорноста за поразот од Манчестер јунајтед со 2-0 на гостувањето на „Олд Трафорд“.

„Сините“ не изгледаа како лидер на табелата, а со вториот пораз во последните четири кола го загрозија нивниот пат кон титулата.

На шест кола пред крајот на сезоната, имаат само четири бода повеќе од второпласираниот Тотенхем, додека пред тоа две седмици беа на десет повеќе.

„Не одигравме добар натпревар и Јунајтед заслужено победи. Покажаа поголема желба, поголема амбиција, повеќе мотивација.

Во тој случај виновен е тренерот. Не бев способен да го пронајдам патот до концентрацијата, до желбите и амбициите за победа“, изјави Конте.

Додека Челзи е во криза, неговиот главен конкурент за титулата, Тотенхем е во серија од седум победи. Двата тима ќе се сретнат на „Вембли“ во сабота, во полуфиналето на ФА купот.

„Загрижен сум бидејќи брзо мораме да пронајдеме мотивација за освојување на титулата. Ако некој мисли дека е нормално Челзи да биде шампион, треба само да се сети дека во сезоната влеговме како аутсајдери, десеттиот тим во Лигата од претходната. Тотенхем е во одлична форма, игра со многу ентузијазам. Мораме да ја пронајдеме таа работа во нашата игра“, додаде Италијанецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2017 09:23