Џон Тери, капитенот на Челзи, ќе ги напушти редовите на „сините“ на крајот на сезоната по 22 години поминати на „Стемфорд бриџ“.

Тери во Челзи стигна во 1995 година како младинец од редовите на локалниот ривал Вест хем, а за првиот тим дебитираше три години подоцна.

Во меѓувреме одигра 713 натпревари и постигна 66 голови, освои 16 трофеи, од кои четири на Премиер лигата, како и на Лигата на шампионите и на Лигата на Европа во последователни сезони.

Но, оваа сезона стана резервен играч по доаѓањето на Антонио Конте на местото менаџер, одигра само десет натпревари, од кои само пет во Премиер лигата. Засега нема постигнато ниеден гол, а тоа му се има случено само во дебитантската сезона, кога имаше само седум настапи. „Можам да понудам уште многу на теренот, но сфаќам дека просторот за мене овде во Челзи е ограничен. Секогаш ќе бидам ’син’ и сакам својата последна сезона како играч на Челзи да ја завршам со титула. Секогаш сакав да си заминам во вистинско време, на вистински начин, чувствувам дека тоа е сега, и за мене и за клубот“, изјави Тери.

Тери е типичен пример за силен, упорен дефанзивен играч и роден лидер, командант на одбраната, познат по неговите агресивни стартувања, по одличните позиционирања и способноста за читање на играта.

Капитен на Челзи стана во 2004 година, по пензионирањето на Марсел Десаи, а со доаѓањето на Жозе Мурињо на местото менаџер на екипата. Лентата ја носеше на 578 натпревари.

Се смета за еден од најдобрите стопери на неговата генерација. Три пати беше дефанзивен играч на годината на Европа, а во 2005 и најдобар играч на Англија во изборот на фудбалерите.

Пет сезони во низа беше избран во идеалниот тим на Унијата на професионални фудбалери, а беше и член на идеалната постава на Светското првенство 2006 година во Германија, како единствен Англичанец.

Тери е најуспешен капитен во историјата на Челзи, еден од петтемина играчи коишто синиот дрес на лондонскиот клуб го носеа најмалку 500 пати, трет во неговото време и најефикасен дефанзивен играч во историјата на „Стемфорд бриџ“.

Тој е прв капитен кој го подигнал трофејот на ФА купот на новиот „Вембли“ (2007) и прв играч кој постигнал гол во меѓународен натпревар на најголемиот англиски стадион (во ремито со Бразил 1-1).

Забележа 78 настапи и постигна шест гола за „гордиот Албион“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2017 11:00