Артуро Видал, играчот за врска на Баерн од Минхен, го критикуваше судијата Виктор Касаи по поразот од Реал во реванш-натпреварот од четврт-финалето на Лигата на шампионите.

„Баварците“ во Мадрид изгубија со 4-2 и за нив натпреварувањето е завршено, но сметаат дека унгарскиот арбитер ги вмешал неговите прсти во исходот на дуелот и тоа не можат да му го простат.

„На ваквите кражби не им е местото во Лигата на шампионите. Сакавме да се пласираме во следниот круг и кога беше непријатно за Реал, судбината на натпреварот ја презеде судијата и го одлучи дуелот. Поради него Баерн испадна од Лигата на шампионите. Ние сме лути, тоа не е фер“, изјави Видал.

Чилеанецот беше исклучен во 84-тата минута поради дискутабилниот жолт картон, а „баварците“ сметаат и дека Реал двата гола ги постигнал од позиција на офсајд.

Холанѓанецот Арјен Робен изјави дека не сака да зборува за судиите, но овој пат не можеше да издржи.

„Ова беше кражба и тоа е тажно бидејќи се работеше за одличен натпревар. Луѓето ширум светот гледаа натпревар на големи екипи, но на крајот за судбината на натпреварот беа клучни одлуките на судијата. Не сакам да зборувам за арбитрите бидејќи секогаш треба да се гледа во својот двор и што сте направиле лошо. Сепак, во овој случај зборувам за неколку клучни одлуки. Натпреварот меѓу ваквите клубови е реклама за фудбалот, но на крајот одлучи човекот со свирчето“, изјави Робен.

Шпанските медиуми пренесоа и дека играчи на германскиот шампион по натпреварот отишле во соблекувалната на арбитерот и дека морало да интервенира полицијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/04/2017 12:24