Луис Енрике, тренерот на Барселона, по елиминацијата од Лигата на шампионите, изјави дека на неговиот тим му недостасувало острина во завршниците на акциите.
„Тоа е фудбалот. Сакавме да играме во брз ритам, да упатиме многу удари во голот, но ни недостасуваше острина во завршниците на акциите. Тоа беше квалитетен натпревар меѓу две многу добри екипи. Му симнувам капа на Јувентус, навистина, бидејќи на крајот беа подобри“, изјави Енрике.
Барселона е елиминирана од Лигата на шампионите од Јувентус, кој во двомечот ја сочува мрежата и на крајот со вкупен резултат од 3-0 избори пласман во полуфиналето.
„Имаат одличен тренер, одлични играчи и сè што е потребно да се освои Лигата на шампионите, но ќе имаат голема конкуренција во останатите полуфиналисти“, додаде Енрике.
Жерар Пике, дефанзивниот играч на Барселона, изјави дека Јувентус го заслужил пласманот во полуфиналето.
„Гледајќи ги двата натпревари, Јувентус беше подобар и заслужи да се најде во полуфиналето. Им посакувам сè најдобро понатаму бидејќи мислам дека можат да ја освојат Лигата на шампионите“, изјави Пике.
Јувентус на „Камп ноу“ ја сочува неговата мрежа, но не успеа ниту да постигне гол.
„Беше тешко да се направи пресврт по првиот натпревар, но имавме неколку пропуштени шанси. Како што минуваше времето, така стануваше сè појасно дека нема да ја оствариме целта. Јувентус знае како да се брани и тоа го покажа уште еднаш. Играа така како што им одговара“, изјави Шпанецот.