Ширум светот денеска се одбележува Денот на планетата Земја, а во многу земји по тој повод се одржува Марш за науката, со цел да се подигне свеста на јавноста за важноста на науката, научните факти и финансирањето на научните истражувања, особено на оние поврзани со климатските промени.

Маршот, кој беше покренат поради загриженост од подемот на „алтернативните факти“ ќе биде одржан во 500 градови ширум светот, а во Австралија и на Нов Зелан веќе се собраа повеќе илјади луѓе во знак на поддршка на науката.

Учесниците на протестот во Сиднеј, облечени во бели лабораторски мантили ги повикаа политичарите да ја поддржат научната заедница, носејќи транспаренти, на кои е напишано „без наука, тоа е само фикција“ и „потреби ни се мислители, а не пророци“.

Протестите во Австралија се случуваат во момент кога американскиот потпретседател Мајк Пенс ја завршува тридневната посета на таа земја.

Иако организаторите на маршевите во САД тврдат дека се непартиски, признаа дека републиканската администрација на Доналд Трамп, кој вети дека ќе го намали буџетот за истражувањето на најдобрите американски агенции, го покренала движењето. Маршот за наука настана како реакција на постапките на Трамп и неговата администрација, која ги доведува во прашање научните факти за глобалното затоплување, но и ја загрозува слободата и јавното финансирање на науката.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2017 12:33