По првпат во поновата француска историја доаѓа до прекројување на политичката карта. Кандидатите на класичната десница Франсоа Фијон, и на умерената левица, Беноа Хамон не се во вториот круг на претседателските избори. Имено, Емануел Макрон, кандидатот на „Во движење“ со 23,7 отсто од гласовите и Марин Ле Пен од крајно десниот Национален Фронт со 21,7 отсто од гласовите се победници во првиот круг на претседателските избори, на кои се претставија единаесет кандидати.
Ова се неофицијални резултати, но се објавени исти или многу слични од речиси сите различни институти и медиуми.
Франсоа Фијон, кандидатот на Републиканците и Жан-Лук Меланшон на Бунтовна Франција, добиваат по 19,5 отсто од гласовите, додека кандидатот на социјалистите Беноа Хамон е далеку, со само 6,5 отсто на гласовите, што претставува најкатастрофален резултата на еден кандидат на социјалситичлката партија, која е на власт од 2012 година.
Излезеноста на изборите е околу 77 отсто, односно пред гласачките кутии не се појавија само 23 отсто од гласачите, што е повеќе во споредба со 2012 година, кога не гласаа 18,63 од гласачите.
Беноа Хамон беше првиот од канидатите, кој го призна поразот, оценувајќи го како легитимна казна за Социјалистичката партија, која е на власт од 2012 година. Според Хамон, елиминарање на левицата од страна на крајната десница е морален пораз за земјата и за левицата. Тој повика да се гласа за Емануел Макрон, за кој рече дека не и припаѓа на левицата.
Добар дел од апаратот на Социјалистичката партија, центарот но и на Републикаците го поддржува Емануел Макрон, односно повеќе личности од редовите на Републиканците повикаа да се гласа за Макрон или против Марин Ле Пен.
Макрон, кој во политиката беше ланисран од Франсоа Оланд, до пред две години беше целосно непознат за јавноста. Ова се први избори на кои се појавува како кандидат, и како што стојат нештата, тој ќе биде новиот претседател на Франција.