Лионел Меси, напаѓачот на Барселона, одигра уште една спектакуларна партија на Ел Класико и по којзнае кој пат ја воодушеви фудбалската јавност.
Меси постигна два гола во победата од 3-2 на Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ , а победоносниот гол дојде во последните моменти од натпреварот.
Аргентинецот го одигра можеби и најдобриот натпревар во оваа сезона, продолжи со соборување на рекордите и ги врати Каталонците во борбата за титулата – сега двете екипи имаат по 75 бодови, Реал има натпревар помалку, но и полош меѓусебен скор.
„Меси е незапирлив, тој е најдобриот фудбалер во историјата, а верувајте ми, сум погледал многу снимки. Постигна 500 голови и е големо задоволство за сите навивачи на Барселона да се идентификуваат со Меси, како еден од нив. Барса беше неверојатна многу години, но голем дел од нејзината историја му го должи на Меси“, изјави Луис Енрике, тренерот на каталонците.
Капитенот Андрес Иниеста, кој е еден од најдобрите играчи за врска, не верува дека ќе се појави фудбалер сличен на момчето од Росарио. „Вистинската вредност на Лео е тоа што не престанува да ве воодушевува по толку години. За клубот е чест што го има, тој е благослов“, изјави Иниеста.
Луис Суарес, соиграчот од нападот, немаше своја вечер во Мадрид, но остана без текст по натпреварот.
„Тимот е одличен, трудот на секој играч беше спектакуларен. Слика со најдобриот фудбалер во историјата. Честитки, пријателе“, изјави на „Твитер“ Уругваецот.
За разлика од Иниеста, Иван Ракитиќ веќе се навикнал на магијата на Меси, а против кралскиот клуб му помогна со асистенција и со фантастичниот погодок од дистанца.
„Меси не може да го изненади никого. Можете да го ставите каде било на теренот и тој ќе му наштети на противникот. Среќни сме поради победата, но и поради него – потребен ни е“, изјави Ракитиќ.
Можеби најоригиналниот опис го даде Самуел Ето, некогашниот фудбалер на Барселона, кој неколку години ја делеше соблекувалната со Аргентинецот.
„Бог се врати и има име – Меси“, изјави Ето.