Претседателскиот кандидат на крајната француска десница, Марин Ле Пен соопшти дека се повлекува од лидерската функција на десничарскиот Национален Фронт.
Нејзината одлука доаѓа само еден ден по соопштувањето на резултатите од првиот круг на изборите за нов претседател на Франција, според кои, Ле Пен останува во трката за Елисејската Палата во вториот изборен круг, заедно со центристичкиот кандидат Емануел Макрон.
Во изјава за француската телевизија таа изјави дека сега е потребно да биде натпартиски определена.
Анкетите на француските агенции за испитување на јавното мислење покажуваат дека Макрон е „голем фаворит“, но Ле Пен тврди дека таа може да победи.
Нејзиното повлекување од лидерската функција е само привремено, додека трае кампањата за вториот изборен круг.
– Од вечерва не сум претседател на Националниот Фронт. Јас сум кандидат за француски претседател, изјави во синоќешниот телевизиски разговор Марин Ле Пен.
Во Париз се смета дека станува збор за симболичен чин со намера да се покаже нејзината загриженост за целата земја, а не само за успехот и победата на партијата, како и за да се привлечат гласачите на другите претседателски кандидати, што не успеаја да се пласираат за вториот круг.
Се смета дека нејзината цел се гласачите на кандидатот на партијата на десниот центар Франсоа Фијон, кој во крајното разместување остана трет, за малку не успевајќи да ја помине Ле Пен.
Според првичните прогнози, во вториот круг, Макрон би освоил 62 додека Ле Пен 38 отсто од гласовите на Французите.
Одлуката за привремено повлекување од лидерската функција, се претпоставува дека треба да и помогне во кампањата против Макрон, прикажувајќи го „анти-французин“ и непатриот.
Во синоќешниот ТВ разговор таа истакна дека програмната на нејзиниот противкандидат, кој во првиот круг освои најмногу гласови, со ништо не сугерира „љубов кон Франција“, сакајќи да го девалвира Макрон како „чедо на Франсоа Оланд“.