Н’голо Канте, фудбалерот на Челзи, е прогласен за најдобар фудбалер на Премиер лигата во тековната сезона во изборот на Здружението на професионални фудбалери на Англија.

Овој 26-годишен играч за врска на Челзи во конкуренцијата ги победи соиграчот Еден Азар, Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, Златан Ибрахимовиќ од Манчестер јунајтед, Ромелу Лукаку од Евертон и Алексис Санчес од Арсенал.

Канте беше еден од клучните играчи на Лестер минатата сезона, кој изненадувачки ја освои Премиер лигата. Тој би можело да стане прв фудбалер кој со два различни клуба во две последователни сезони го освоил првенството на Англија, доколку Челзи ја задржи предноста до крајот на шампионатот.

Во јули минатата година дојде во Челзи, кој претходната сезона ја заврши на средината на табелата, а оваа речиси од самиот старт е на врвот.

Францускиот фудбалер оваа сезона настапуваше во сите натпревари на Челзи во Премиер лигата, освен на Боксинг деј против Борнмут, кога беше суспендиран, и во последните 11 минути на натпреварот против Тотенхем одигран на четврти јануари.

Втора година по ред за најдобар млад играч на Премиер лигата е избран Деле Али, фудбалерот на Тотенхем, додека за најдобра женска фудбалерка е прогласена Луси Бронз од Манчестер сити.

Дејвид Бекам, поранешниот капитен на репрезентацијата на Англија, на свечената церемонија во Лондон доби награда од Здружението на професионални фудбалери за придонес во фудбалот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2017 12:51