Њукасл се врати во Премиер лигата само по една година откако испадна во втората по квалитет Англиска лига.

„Чавките“ во 44-тото коло од втората лига на Англија пред своите навивачи го поразија Престон со 4-1 и обезбедија директно враќање во елитата.

Екипата на Рафаел Бенитес и понатаму има шанси да дојде до првото место, но малку е веројатно да се очекува Брајтон и Хоув албион да ја испушти предноста од четири бода на две рунди пред крајот.

Домаќините поведоа уште во седмата минута со голот на Ајозе Перез, но гостите возвратија во 14-тата минута со погодокот на Џордан Хугил.

Триумфот на домаќините го најави Кристијан Ацу, по асистенцијата на Александар Митровиќ, а сè беше завршено по намерното играње со рака и исклучувањето на Пол Галагер, капитенот на Престон.

Сигурен од белата точка беше Мет Ричи, пред Перез со неговиот втор погодок да го постави конечниот резултат на средбата.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2017 14:38