Претседавачот на ОБСЕ и австриски министер за надворешни работи, Себастијан Курц, и генералниот секретар на ОБСЕ, Лaмберто Заниер, најостро го осудуваат вчерашниот упад во Собранието на Македонија во Скопје.
Тие сметаат дека насилството не може да биде замена за политичките решенија и дека таквите решенија треба да се бараат во рамките на демократските процеси на одговорен начин.
„Нападите на неколку членови на Собранието, упадот во зградата на парламентот – срцето на демократијата на земјата, се шокантни. Ова е акт на заплашување, напад на претставниците на народот, кој јас категорично го осудувам. Смиреноста и редот мора веднаш повторно да се воспостават. Ги повикувам сите страни да се воздржат од понатамошна ескалација на тензии или насилство“, рече Курц.
Генералниот секретар Заниер рече дека за насилството нема место во политичкиот процес.
„Насилството мора веднаш да престане. Органите за спроведување на законот мора да обезбедат безбедност на пратениците и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, изјави Заниер.
Претседавачот на ОБСЕ и генералниот секретар ги повикуваат политичките чинители повторно да го воспостават дијалогот во Собранието и да ги почитуваат демократските принципи, како и резултатите од декемвриските избори.