Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 19.385.292 лица. Од нив починале 720.053, а оздравеле 12.445.324 луѓе.
Бројот на новозаразени со коронавирусот во Франција денеска се зголеми за 2.288, што е нов рекорд по укинувањето на рестриктивните мерки, соопшти француското Министерство за здравство.
Бројот на нови случаи на коронавирус во Италија денеска се зголеми за 38 проценти, откако заразата е потврдена кај 552 лица.
Две 18-годишни девојки се вратиле во италијанскиот град Падова заразени со коронавирусот по летен одмор во Хрватска, поради што 24 матуранти од провинцијата Венето ќе бидат во изолација, јавија денеска италијанските медиуми.
Потпишувањето на договорот меѓу Грција и Египет за обележување на нивните ексклузивни зони, за кои Анкара вели дека опфаќа регион на турскиот континентален гребен, ја налути Турција. Како одговор на тоа, Турција издаде Навтекс што се смета за предупредувачка нота во поморската пракса.
Шпанските власти наредија карантин за 32.000 лица во градот Аранда дел Дуеро во обид да го забават ширењето на коронавирусот.
Германските здравствени власти откриле ново жариште на коронавирусот во округот Гепинген, северно од Штутгарт, а се работи за матуранти кои, според германските медиуми, се заразиле додека биле на одмор во Хрватска.
Во делови на Марсеј, втор по големина град во Франција, од утре до 30 август ќе биде задолжително да се носат заштитни маски на отворено, за да се спречи ширењето на коронавирусот, соопштија денеска локалните власти.
Британската Влада денеска најави дека ќе ги засили контролите на границите, откако рекорден број мигранти за еден ден го преминале каналот Ламанш и влегле во земјата со мали чамци.
Руската вакцина против вирусот Ковид-19, направена од центарот „Гамалеј“, ќе биде регистрирана на 12 август, а ќе биде прва што ќе ја примат медицински работници и постари жители на земјата, изјави денеска заменик-министерот за здравство на Русија, Олег Гриднев.