Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски своето право на глас денеска го оствари на избирачкото место 2489 во месната заедница Автокоманда.
Навистина, овие се многу поразлични избори од кои било други, но не се помалку важни. Многу се важни заради тоа што со резултатот од овие избори ќе знаеме на која позиција, како ќе успееме за следните четири години и секако каков ќе биде животот на граѓаните во следните четири години.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претпладнево го оствари своето гласачко право на избирачкото место во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае.
Во 21 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија можеа да гласаат на предвремените парламентрани избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски на прес конференција соопшти дека од обработени 3466 од 3480 избирачки места до 20:45 гласале вкупно 922.676 гласачи, или околу 50,86%.
Од вкупно 45 989 гласачи регистрирани на Единствениот избирачки список до 19 часот гласале 48,28 отсто или 22 203 гласачи на 84 избирачки места во Општина Велес.
На прес-конференцијата во 19:30 часот портпаролот на ДИК Адмир Шабани соопшти дека до 19 часот на гласање излегле 830.370 граѓани со право на глас односно одѕивот е 45,77 проценти. Обработени се податоци од 3.463 гласачки места.
Според податоците на општинските изборни комисии до 19 часот излезноста на денешните предвремени парламентарни избори во Неготино изнесува 63 отсто, во Демир Капија 62,31, во Росоман 59,50 и во Кавадарци 56,5 проценти.
Според податоците на Државната Изборна Комисија во Куманово излезноста до 19:00 часот e 43,5, во Липково 38,25, а во Старо Нагоричане 45,37 проценти. Право на глас во Куманово имаат 92.167 гласачи, информираше денеска претседателот на ОИК Куманово, Драган Јовановски.
Во општините Дебар и Центар Жупа, кои се дел од петтата изборна единица, до 19:00 часот на вонредните парламентарни избори своето право на глас го искористиле 8.400 од вкупно запишаните 25.825 граѓани.