Македонскиот сатиричар кој живее и твори во Делчево, Миле Ѓорѓијоски е добитник на наградата за најдобар странски сатиричар „Екселенција сатира“ во чест на српскиот писател Радоје Домановиќ. Најважната награда од областа на сатирата ја доделува Здружението на српски писатели, а како што информираше Ѓорѓијоски, таа ќе му биде доделена на свечената церемонија на 22 февруари во Белград.
Изложба на графики „Децата на земјата“ од уметникот Виктор Мануел Хернандез Кастиљо од Мексико, синоќа беше отворена во Уметничката галерија во Куманово.
Книгата поезија „Мојот храм е внатре во мене“ од авторот Марта Димитров од Кавадарци ќе биде промовирана вечер во просториите на танцовиот клуб „Прима Данца“ во Скопје.
Академијата на убави уметности – Вевчани објави конкурс за поезија, проза, есеи, приказни, рецензии и прилози од историјата на македонската литература и други литературни творби за јубилејните изданија на „Вевчански летопис“, „Вевчански алманах“ и „Вевчанска читанка“.
Во библиотеката „Тане Георгиевски“ во Куманово утре од 13 часот ќе биде презентиран Конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ кој е наменет за млади до 26 години, а го организира Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија (ЗПРМ) во соработка со Делегацијата на Европската Унија.
Меѓународната награда „Гоцева мисла” годинава им се доделува на проф. д-р Кирил Темков од Филозофскиот факултет во Скопје и на Жан-Патрик Конрад, претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз.
Четириесетина дела – слики, графики и цртежи ќе претстави младиот уметник Марко Вујисиќ на самостојната изложба „Формите на градот“ која вечер од 20 часот ќе биде отворена во галеријата „Акантус“.
Во Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде доделена првата годишна награда за стрип „Лифт“. На изложбата и во публикацијата која е отпечатена по тој повод ќе бидат претставени деветте стрипови кои од 30 пристигнати се оценети за најдобри во 2018 година.
Советот на Општина Центар денеска на 23-тата седница ја прифати иницијативата на МАНУ за поставување спомен-обележје на Горан Стефановски. Споменикот на познатиот драмски автор и член на МАНУ, кој почина на 27 ноември минатата година, ќе биде поставен на триаголниот парк во Дебар Маало, спроти ресторанот „Идадија“.
Поетесата Оливера Доцевска вечерва со книжевниците, поети и литературни дејци од Крива Паланка дебатираа на тема „Предизвиците на современото литературно творештво”.