Молдавскиот премиер Павел Филип изјави денеска дека руските дипломати се прогласени за персона нон грата врз основа на информации добиени од разузнавачките служби.
Филип истакна дека не може да открие повеќе детали.
– Правилата не дозволуваат тоа да се направи. Тие се прогласени за персона нон град врз основа на разузнавачки податоци. Ова е стандардна процедура. Тоа е се што можам да кажам во овој момент. Не можам да ви ги кажам сите причини кои ги наведоа разузнавачките служби, изјави премиерот.
Претходно денеска, рускиот заменик-министер за надворешни работи, Григориј Карасин за одлуката за протерување петмина руски дипломати рече дека насочена против политиката на претседателот Игор Додон, и додаде дека Русија адекватно и силно ќе одговори.
– Сметаме дека ова е насочено против политиката за подобрување на односите меѓу Русија и Молдавија, која ја спроведува претседателот Игор Додон, изјави Карасин, јави ТАСС.
Претседателот на Молдавија Игор Додон ја осуди одлуката на молдавската Влада да прогласи петмина руски дипломати за персона нон грата во земјата.
– Огорчен сум од непријателскиот потег на претставниците на молдавската дипломатија и категорички ги осудувам, изјави тој за ТАСС.
Додон рече дека оваа одлука е во спротивност со неговата желба да ги обнови односите со Русија.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека ситуацијата околу протерувањето на руските дипломати од Молдавија е парадоксална, но индикативна.
– Јасно е дека тоа нема никаква врска со активностите на руските дипломати, но го илустрира развојот на ситуацијата во Молдавија, нагласи Захарова.
Молдавските власти протераа петмина членови на руската Амбасада во Молдавија, потврди рускиот амбасадор во Кишињев, Фарит Мухаметшин.