Владејачката партија во Република Ирска, Фине Гаел вчера го избра Лео Варадкар за лидер, што значи дека земјата ќе го добие својот прв премиер кој е деклариран хомосексуалец и најмлад за таа функција.
Варадкар (38) е син на индиски имигрант, а доаѓа на местото на премиерот Енду Кени (66). Тој треба да биде избран за премиер на седницата на Парламентот на 13 јуни.
По оставката на Кени од лидерското место во Фине Гаел во мај, Варадкар, кој е актуелен министер за социјална заштита, најави дека ќе се кандидра за таа позиција, а противник му беше министерот Симон Конвеј.
Вардакар освои убедливо мнозинство гласови од членовите на партијата на десниот центар.
- Доколку некој на мои години, со мешано расно потекло и сите работи кои го прават мојот карактер, има можност да стане лидер на нашата земја, тогаш мислам дека тоа испраќа порака до секое дете родено денес оти не постои канцеларија во Ирска кон која не може да тежнее, истакна Варадкар.