Рускиот претседател Владимир Путин го осуди синоќешниот напад во Лондон при што загинаа седум луѓе, нарекувајќи го „терористички“ и упати „длабоко сочувство“ до британскиот народ.

– Путин изразува длабоко сочувство до британскиот народ и го осудува терористичкиот напад изведен пред неколку часа во Лондон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

По синоќешниот инцидент 46 лица се хоспитализирани. Меѓу повредените се и двајца француски и двајца австралиски државјани.

Претходно, дел од светските лидери го осудија нападот во Лондон. Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека Берлин „одлучно е на страната на Британија“ по синоќешниот напад во Лондон, при што загинаа шест луѓе, а речиси 50 се повредени.

– Денеска сме обединети преку граница и се чувствува ужас и жал, но исто така и одлучност. Што се однесува до Германија, повторувам дека сме во борба против сите облици на тероризам и одлучно сме на страната на Британија, посочи Меркел.

Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопштено е дека во нападот во Лондон повредени се двајца државјани на Франција, од кои едниот има потешки повреди.

– При ова нова трагедија, Франција е со Велика Британија повеќе од кого било. Мислите ми се со настраданите и нивните блиски, напиша претходно Макрон на Твитер.

И канадскиот премиер Џастин Трудо на Твитер го осуди нападот во Лондон.

– Ужасни вести од Лондон. Внимателно ја следам ситуацијата, истакна Трудо.

Шефицата на австралиската дипломатија Џули Бишоп нападот во Лондон го оцени како шокирачки.

– Подготвени сме заедно да дејствуваме со британската Влада во справувањето со нападите. Сочувствуваме со настрадани и нивните блиски, наведе Бишоп.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер исто така го осуди нападот во Лондон и изрази сочувство до жртвите и нивните семејства.

Претседателот на САД, Доналд Трамп на Твитер го прокоментира синоќешниот терористички напад во Лондон, изразувајќи солидарност со жителите на главниот град на Велика Британија, а во истовреме ја промовира сопствената Уредба за забрана за патувања со авион од поединечни муслимански држави како дополнителна мерка за заштита на Американците.

– САД се тука за да им помогнат на Лондон и на Обединетото кралство. Со вас сме. Бог да ве блогослови, напиша Трамп на Твитер.

Тој додаде дека „мораме да бидеме паметни, внимателни и силни“.

– Судовите мора да ги вратат нашите права. Потребна ни е Уредба за забрана за патувања како дополнителна мерка за безбедност, истакна Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2017 14:19