Американскиот претседател Доналд Трамп одлучил за амбасадор на САД во Лондон да биде назначен Вуди Џонсон, сопственик на њујоршкиот клуб за американски фудбал „Њујорк Џетс“.
Џонсон (70) е долгогодишен пријател на актуелниот американски претседател. Во американското општество тој важи за филантроп, но е познат како угледен бизнисмен и милијардер.
Тој е наследник на познатата американска фармацевтска бизнис империја „Џонсон&Џонсон“.
На почетокот од минатогодишната изборна кампања за претседател на САД, Вуди Џонсон ја поддржуваше кампањата на Џеб Буш, син и брат на двајцата поранешни претседатели Буш.
По неуспехот на Џеб да се пробие во кампањата, иако важеше за еден од фаворитите, Џонсон застана зад обидите на бизнисменот и милијардер Трамп да влезе во Белата куќа.
Тој ја финансираше кампањата на Трамп, а сега се открива дека повремено дејствувал и како негов советник. Тој бил и еден од донаторите за инаугурацијата на новозибраниот претседател.
Назначувањето на Џонсон треба да биде потврдено од американскиот Сенат.
На престижното место амбасадор во Лондон американските претседатели обично поставуваат свои блиски пријатели, луѓе од бизнисот и милјардери кои донирале за нивната претседателска кампања.