Рускиот опозиционер Алексеј Навални е исклучен од трката за претседател на Русија, кои ќе се одржат идната година, и за кои не ќе може ниту да се кандидира, соопшти Централната изборна комисија.

Во соопштението се вели дека Навални не може да учествува во изборите затоа што бил осуден за проневера, за што има добиено условна затворска казна.

Навални ја осуди ваквата одлука на државната комисија во Москва, оценувајќи дека станува збор за решение кое е политички мотивирано.

Навални е долгогодишен активист кој води кампања против раширената корупција во Русија.

Во зимата 2011-2012 година, тој организираше и спроведе масовни протести против власта на претседателот Владимир Путин.

На 12 јуни годинава, тој беше уапсен и осуден на затвор од 30 денови, за „повторено непочитување“ на рускиот закон за улични протести.

Навални ги повика луѓето да излезат на демонстрации против корупцијата во земјата, успевајќи вакви протести да се одржат во 145 руски градови.

Руската полиција уапси неколку стотици демонстранти по истото обвинување како и за Навални – дека не го почитувале законот за протести.

Владимир Путин се уште нема соопштено дали одново ќе се кандидира на претседателските избори, но во Москва се верува дека тоа сигурно ќе се случи.

Како премиер или претседател, Путин е на власт во Русија уште од 2000 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2017 18:55