Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин казни тројца свои истакнати пратеници, со одземање на правото да седат во првиот ред на клупите за опозицијата во Парламентот, затоа што гласаа за амандманот за останување на Велика Британија на единствениот пазар на ЕУ, што е спротивно на партиските определби.

Вкупно 50 лабуристички пратенци, гласаа за ваквиот амандман, што го поднесе лабуристот Чука Умуниа, поранешен член на Владата во сенка на лабуристите, кога лидер на партијата беше Ед Милибанд.

За да гласа за амандаманот, еден пратеник на лабуристите претходно поднесе оставка на функцијата во Владата во сенка, но Корбин побара од сите други свои пратеници „да им се спротивстават на одметниците“ и да гласаат против амандманот, поддржувајќи ја пратеничката група на конзервативците и на десетмината пратеници од ДУП.

Сегашното левичарско раководство на лабуристите што го предводи Корбин, смета дека Брегзит е завршена работа и дека Велика Британија не треба да останува на единствениот пазар на ЕУ.

Предлагачот на амандманот и „одметниците“ при гласањето беа обвинети за предизвикување расцеп во партијата, само три недели по предвремените избори на кои лабуристите поминаа подобро од сите прогнози, освојувајќи 30 нови пратенички места.

Корбин и актуелното раководство на лабуристите веруваат дека успехот е последица на определбата „Брегзит е Брегзит и тоа треба да се почитува„.

Таква е позицијата и на конзервативците на Тереза Меј, но лабуристите сметаат дека таа мора да се поддржува, затоа што голем број лабуристички гласачи на референдумот за ЕУ се определија за Брегзит, а и сега сметаат оти мора да се блокира приливот на мигрантите од ЕУ, обвинувајќи ги дека им ја „земаат работата на Британците“.

„Одметниците“ ја отфрлаат ваквата определба на Лабуристичката партија, нагласувајќи ја својата проевропска определба и предупредувајќи дека излегувањето од единствениот пазар на ЕУ може да ја чини Велика Британија загуба на 650 илјади работни места, само во Лондон.

„Бунтот“ на големата група лабуристи се случи во текот на синоќешното неизвесно гласање во Парламентот за владината програма од закони промовирани во говорот на кралицата.

Премиерката Меј успеа да го преживее првото гласање во Долниот дом, добивајќи 323 гласови, наспроти 309 кои беа против. Северноирските пратеници од ДУП според договорот, гласаа за Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2017 08:53