Во седиштето на Европскиот парламент во Стразбир денеска ќе се одржи комеморација за поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, со што ЕУ му изразува почит на овој истакнат политичар пред неговиот погреб во Германија.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, на комеморацијата ќе присуствуваат над 40 државни делегации, вклучително и повеќето европски лидери. Своето присуство на собирот го потврди британската премиерка Тереза ​​Мај, САД ги претставува поранешниот претседател Бил Клинтон, додека руската делегација ќе ја предводи премиерот Дмитриј Медведев. Исто така, се очекува и присуство и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на претседателот на Украина Петро Порошенко.

Церемонијата ќе трае два часа, по што посмртните останки на поранешниот германски канцелар ќе бидат пренесени во градот Шпајер во Германија, каде ќе бидат погребани. Неговата вдовица одби да биде организиран државен погреб.

Идејата за оддавање на европската почит на Кол дојде од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Тој е единствениот европски лидер кој се уште е на функција, кој работел со Кол.

Ова е првпат во историја на Европската унија да биде организиран ваков собир. Со него ЕУ му оддава почит на еден од тројцата државници кои се „почесни граѓани на Европа“. Покрај Кол, другите двајца со ваква почест се Французите, првиот преседател на Европската заедница за каглен и челик, Жан Моне, кој почина во 1979 година и поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, кој е на возраст од 91 година и чија кревка здравствена состојба не му дозволи да присуствуваат на комеморацијата.

Ковчегот со посмртните останки на Хелмут Кол, покриен со знамето на ЕУ, ќе биде поставен во ВИП салонот на Европскиот Парламент, по што од осуммина германски војници ќе биде пренесен во слата во која ќе се одржи комеморацијата.

На собирот прво ќе се обратат претседателите на Европскиот парламент, Антонио Тајани, на Европскиот совет, Доналд Туск и на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по што ќе биде прикажан филмот „Хелмут Кол, големиот Европеец“, посветен на животот на поранешниот германски канцелар.

По проекцијата, со свои обраќање почит на Кол ќе му оддадат поранешниот шпански премиер Фелипе Гонзалес, Бил Клинтон, Медведев, францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Европската почит на Кол сепак беше малку поматено со кавги во семејството на „таткото на германското обединување“. Имено, неговата втора сопруга Мајке Кол-Рихтер, сакаше да и забрани на Меркел да зборува на комеморацијата, бидејќи, бидејќи како што тврди, Кол, кој важеше за нејзин политички ментор, никогаш не и простил за неговата смена од лидерската позиција во Христијанско демократската унија (ЦДУ) во 1999 година.

По завршувањето на комеморацијата во Стразбур, ковчегот на Кол ќе биде покрен со германско знаме и пренесен со хеликоптер до Лудвигсхафен, од каде со брод по Рајна ќе пристигне во Шпајер. Погребаната церемонија ќе се одржи во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ и во црквата „Свети Стефан“ во Шпајер, каде почиваат осум германски цареви и кралеви.

Хелмут Кол почина на 16 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2017 18:07