Германската полиција и група демонстранти денеска се судрија на улиците на Хамбург во пресрет на самитот на Г20, кој почнува утре, јавуваат агенциите.

Најмалку едно лице било сериозно повредено во насилствата, а на неколку им била укажана помош на самото место, пренесува „Би-би-си“.

Полицијата интервенирала со водени топови кон групата демонстранти, кои фрлале шишиња и камења кон полициските екипи.

Мерките за безбедност во Хамбург се на високо ниво. Се очекува на антикапиталистичките протести за време на самитот на Г20 да присуствуваат околу 100.000 демонстранти.

Денеска во Хамбург пристигна американскиот претседател Доналд Трамп, кој имал средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

На маргините на самитот утре се очекува и средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2017 22:59