Лидерите на САД, Јапонија и Јужна Кореја ја осудија ракетната проба, која Северна Кореја ја изврши оваа недела и ја означија како „сериозна ескалација“. Тие ветија дека ќе извршат максимален притисок за преземање мерки против нуклеарните закани од страна на Северна Кореја.

Пробното лансирање на балистичка ракета во вторникот беше сериозна ескалација, која директно крши повеќе резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации и јасно ја демонстрира растечката закана, која Северна Кореја ја преставува за САД, соседите и светот, нагласија трите земји во заедничката изјава за време на самитот на Г-20 во Хамбург.

Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш ја потврди одлучноста на САД да ги заштитат Јужна Кореја и Јапонија, употребувајќи го целокупниот арсенал од конвенционално и нуклеарно оружје.

Трамп, јужнокорејскиот претседател Мун-Џе-ин и јапонскиот премиер Шинѕо Абе беа едногласни во однос на потребата во најскоро време Советот за безбедност да усвои резолуција, кој предвидува нови санкции против Северна Кореја, се додава во заедничката изјава, објавена од Белата куќа.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2017 00:36