Лидерите од земјите членки на Групата 20 договорија денеска „компромисна“ декларација од самитот во Хамбург, која го зема во предвид повлекувањето на САД од Парискиот договор за климата.

Во соопштението се наведува дека САД блиску ќе соработува со другите држави, помагајќи им да користат фосилни горива почисто и поефикасно и ќе им помогне со поставување извори за обновлива и чиста енергија.

– Ја земаме предвид одлуката на САД да се повлечат од Парискиот договор. Лидерите на останатите членки на Г-20 го потврдуваат својот ангажман кон Парискиот договор за климата, се наведува во заедничката декларација.

Земјите од Г-20 повикуваат на борба против протекционизмот и поттикнување на слободната трговија.

– Пазарите ќе ги оставиме отворени, покажувајќи ја на тој начин важноста од значењето на реципрочната и профитабилна трговија, како и принципот на недескриминација, пишува во завршниот документ.

Светските лидери изразија задоволство од решенијата кои се усвоени на дводневната средба на Г-20.

Домаќинот на форумот, германската канцеларка Ангела Меркел е задоволна бидејќи сите земји од Групата, со исклучок на САД, се договориле за брзо применување на Парискиот договор за климата.

– Постигнавме добри резултати во некои сфери, и покрај блокадата со САД поради климата, објасни Меркел.

Таа истакна дека е задоволна од средбата на Путин и Трамп, изразувајќи надеж дека дијалогот меѓу двајцата лидери ќе продолжи и понатаму.

Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека е воспоставена „потребната рамнотежа“ за климатските прашања и трговијата. Тој го поздрави и договорот за борба против финансирање на тероризмот.

Макрон најави дека ќе биде домаќин на новиот самит за климатските промени на 12 декември, на двегодишнината од потпишувањето на Парискиот климатски договор.

Според рускиот претседател Владимир Путин најден е „оптимален“ компромис околу климатското прашање, што го одвојуваше американскиот лидер Доналд Трамп од останатите светски лидери на самитот.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2017 00:52