Над милион турски граѓани учествуваа на големиот митинг синоќа наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули минатата година.

Мостот на Босфор беше централното место на прославата поради симболиката, бидејќи оттаму почна обидот за пуч со тенкови. Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Церемонијалниот собир почна синоќа со конвој, на чие чело беше претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера, рече Ердоган во своето обраќање.

Турскиот претседателот изјави дека и оваа година ќе продолжат ноќните бдеења на граѓаните за демократијата.

– Нема да заборавам и нема да дозволам никој да заборави за 15 јули, рече премиерот Бинали Јилдирим.

– Луѓето се уште се гневни. Борбата ќе продолжи, додека не остане ниту еден член на ФЕТО, рече тој.

Додека говореше Јилдирим голем број луѓе извикуваат „Смрт за пучистите“, апелирајќи за целосно чистење на луѓето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого властите го обвинуваат дека стои зад пучот.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на Парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2:32 минути по локално време, кога Парламентот беше подложен на напад од турски Ф-16 за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара Ердоган изјави дека го потпише законот за враќање на смртната казна, доколку му биде доставен.

– Ако таква мерка биде разгледана и усвоена во Парламентот, ќе ја потпишам без двоумење, рече тој.

Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција, Кемал Киличдароглу ги осуди потезите на владата по воениот удар.

– Парламентот, кој што издржува бомби, стана застарен и без авторитет. Во изминатата година, правдата беше уништена. Наместо брза нормализација, сега сме во постојана вондредна состојба, изјави тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2017 20:19