Преку 350 луѓе се уапсени денска во Србија во акција на полицијата наречена „Арес“, соопшти министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ.

Лицата уапсени во акцијата се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои и неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги, обид за убиство, силување, искористување на малолетници за порнографија, злоставување и мачење, изнуди, киднапирање, разбојништво, тешки кражби и друго.

Како што кажа Стефановиќ, акцијата е спроведена во 27 општини и градови во Србија, а поднесени се кривични пријави против вкупно 562 лица.

Во акцијата биле запленети 167 килограми дрога – кокаин, хероин, хашиш, марихуана и екстази и биле откриени три лаборатории за произвдоство на марихуана.

Одземени биле и 29 пушки, 4 автоматски пушки, 30 пиштоли, еден килограм експлозив, шест бомби и повеќе од 3.000 парчиња муницја.

Запленета била и поголема количина на пари, 19 возила, како и повеќе компјутери на кои биле пронајдени повеќе од 150 гигабајти со детска порнографија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/07/2017 20:31